Македонскиот професор на Колумбија универзитетот во Њујорк, Горазд Росоклија, се вклучи во дебата на социјалните мрежи, укажувајќи им на оние кои коментираа дека лаици не можат и не смеат да поставуваат дијагнози и заклучоци, дали е некој психопат или не.
Дебатата беше околу 13-годишникот од Белград кој усмрти осум лица минатата недела во Белград. Професорот објасни дека дете, во принцип не може да биде дијагностицирано како психопат, како што не може да му биде дијагностициран Алцхајмер. Тој притоа, даде и свое видување на актуелниот настан!
„Зошто деца убиваат деца? Не постои едноставен и универзално применлив одговор. Неопходна е психиајтриска анализа на секој поединец кој убива, за да се разбере зошто го направил тоа. Генерализиран одговор би бил дека постои деморализација во општеството.
Насилството, нелојалноста и неверството, хаосот во општеството со кој не бомбардираат медиумите, перверзиите, злото, предавството, страста и непочитувањето се возвишуваат во културата на општеството (музика како рапот, филмот, телевизијата, видео игрите…). Луѓето, а и децата, ваквото однесување го сметаат за нормално, за неопходно во самоисполнувањето и самореализацијата.
Детето, исто како и секој од нас возрасните, или ќе се повинува на морлани норми вградени во него од страна на родителите, или на неморалот. Децата ги воспитуваме и го контролираме нивното однесување. Тоа е наша обврска како родители. Нема средина во однесувањето на личноста, или постапуваме врз основа на вградени морални вредности или не.
Во западните општества (во други општества не сум живеел), личната одговорност е загубена, луѓето (многумина) размислуваат дека сѐ што е добро за нив, е дозволено. Сето ова ја создава атмосферата, а поединци и подлегнуваат.