Велибор Џаровски – Џаро е можеби непознат за помладата генерација, но повозрасните, не само во Македонија, туку и на целиот Балкан, кога ќе се спомене името Џаро, со носталгија се потсетуваат на едни убави времиња во поранешна Југославија.
Токму во тоа време, во поранешната држава, Џаро беше еден од најпознатите ликови, бидејќи беше менаџер на најзначајните солисти и групи во поранешна Југославија.
Ден денешен, кога пее во Македонија, Здравко Чолиќ му резервира главно место покрај сцената на својот прв и долгогодишен менаџер и не пропушта да го поздрави пред публиката и да го спомене фактот, дека неговата успешна кариера се должи токму на Џаровски.
Низ годините наназад, Џаро во многу наврати раскажувал за своите доживувања, за местенките кои ги правел на фудбалските натпревари, за пикантерии и детаљи од животот на пејачите на кои им бил менаџер.
Тој промовираше и автобиографска книга, која ќе доживее промоција на овогодишниот саем за книги, каде купувачите ќе имаат можност да добијат и автограм од југословенската и македонска легенда.
Денес на социјалните мрежи, познатиот угостител, сопственик на хотел и претседател на едно од туристичките здруженија, објави слика кога тој бил млад, а Џаро, како што напиша, во зенитот на својата кариера. Фотографијата е од култното за тоа време, диско Плаја Виста.