Почна процесот на интеграција на Православна Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски во МПЦ-ОА. Ваквата информација ја потврди митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод, пренесува Дојче Веле.
Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА. Тимотеј вели дека се донесени неколку одлуки во однос на поделбата на епархиите, коишто ќе треба да се усогласат со СПЦ. Целосната интеграција Тимотеј очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој треба да почне на 14 – 15 мај.
Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА заседаваше во полн состав, со мал исклучок на неколку архиереи, кои се во странство и еден архиереј, кој не можел да дојде, но имал свое полномошно за да се гласа доколку има потреба.
Заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на Православната Охридска Архиепископија и нејзина интеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел полноправно признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква.
Порталот Религија.мк објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прераспределба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Јован, кој сега има титула Архиепископ Охридски и митрополит Скопски ќе ги добие на управување Демир Хисар и Крушево, заедно со Нижеполе, каде веројатно ќе биде седиштето на новата Епархија.
Во првичниот договор во опција е и Ресен. Митрополитот Петар кој раководи со Преспанско – Пелагониската епархија во Топ Тема на Телма, рече дека нема договор за ова. Прашањето на барање на српскиот ариепископ Порфириј им било оставено да го решаваат, а тој е подготвен да помогне во тоа.
МПЦ-ОА во земјата и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата.
Извор: ДВ