Naslovna Zivot Д-р Блашко Димковски проговори за неговиот трнлив пат во Германија: Тешко е,...

Д-р Блашко Димковски проговори за неговиот трнлив пат во Германија: Тешко е, но е може да се успее

Д-р Блашко Димковски е еден од многуте Македонци, кои својата иднина одлучиле да ја градат во дијаспората. Во конкретниот случај, д-р Димковски заминал во Германија.

Со оглед на тоа што неговата специјалност е трудовата медицина и може да им биде од помош на многу Македонци кои живеат и работат во Германија, но да биде едукативно и за наши доктори кои планираат да заминат во оваа држава, одлучивме да направиме интервју со д-р Димковски.

Д-р Димковски, колку долго сте во Германија и што ве натера да ја напуштите татковината?

-Јас и моето семејство дојдовме во Германија во 2011 година. Нашите дечиња Нина и Дарин боледуваа од ретка генетска болест која ги зафаќа митохондриите и го нарушува производството на енергија во телото. Шансите за дијагностицирање, лекување и грижа во Македонија се многу мали, затоа се решивме на ваков чекор.

Иако не постои лек за состојбата на Нина и Дарин и тие го напуштија овој свет прерано, имавме многу стабилни години поврзани со прекрасни моменти со нив и секој напор поврзан со тоа и доаѓањето тука го оправдаа тој труд. Вечно ќе ги паметиме и ќе ги носиме во нашите срца и ќе бидат ѕвезди водилки на мама и тато и на нивниот брат Крисјан.

Како беше на почетокот, како се снајдовте? Дали ви помогна некој нашинец или сами се пробивавте низ германскиот систем?

-Почетокот беше како да сме паднале на Марс. Иако јазикот не го знаевме добро, постои голем недостаток на лекари и јас бев примен во една клиника за интерна медицина во градот Хаген каде го започнавме нашиот живот во Германија.

Во станот во кој се вселивме имаше само една столна ламба, дури и таванските сијалици беа извадени. Не знаевме како функционираат работите тука и моравме да дознаваме на потежок начин. Во тоа време немаше многу нашинци и не постоеја групи на интернет каде можеше да се добијат информации.

За помош, ќе ти помогнат луѓе за кои никогаш нема да помислиш и кои не е битно од која националност се. Балканците во принцип си помагаат меѓу себе и не се мразат како на Балканот.

Дали се усовршувавте во Германија и колкава потешкотија имавте со јазикот?

-Јазикот беше проблем на почетокот, но јас имам голем интерес за јазици и пристапив со голема љубов кон германскиот, иако за многу тоа не е баш сфатливо. Моето мото е секој ден да се учи по еден нов збор и секогаш да се трудиме да зборуваме со правилни граматички форми и да се коригираме самите ако згрешиме.

NDC Arbeitsmedizin

Само со упорност може да се научи овој јазик на ниво на кое нема веќе да се чувствувате како странец туку како локален Германец со иселеничка позадина.

Велите дека сте единствениот Македонец – доктор, со своја ординација по трудова медицина во Германија. Како успеавте да го реализирате овој проект?

-За сè треба време и упорност. Јас работев една година во интерна медицина, но потоа се преселивме во Дизелдорф и таму почнав специјализација во една Клиника за Неврологија и Психијатрија.

Местото за Неврологија кое го посакував не се ослободи ни после 5 години, така да останав за цело ова време во Психијатрија. Тоа не беше мојата работа од соништата.

Случајно дознав од еден наш колега Македонец дека примаат лекари на специјализација по трудова медицина и таму се пријавив со голема радост.

Македонија во срцето

Оваа бранша е многу барана во Германија и ретко кој наш млад лекар посакува ваква специјализација веднаш по доаѓање во Германија, бидејќи предуслов се најмалку 2 признаени години проведени во општа или интерна медицина.

Набргу сфатив дека ова е мојата работа од соништата и се фокусирав на специјализацијата која ја завршив во 2020 година. Откако станав специјалист, веќе почнав да се спремам за отворање на нешто свое каде би можел потполно да го остварам својот потенцијал.

Сè почна со името и логото на нашата фирма, која ги носи иницијалите на Нина, Дарин и Крисјан. Мојата сопруга д-р Тања Миленковска Димковски е стоматолог по професија, но таа со задоволство ја прифати новата работа како менаџерка на нашата ординација.

Што поточно работите и би можеле ли да им помогнете на нашинците кои живеат во вашиот регион, односно, за што би требало тие да ви се обратат?

-Трудовата медицина во Германија е многу широка област и е поврзана пред сè со здравјето на работниците на работното место. Длабоко е интегрирана во законите и секој работодавец е должен да ангажира Доктор по трудова медицина како екстерен експерт кој ќе го советува во однос на опасностите и нивното влијание врз здравјето како и за вршење на превентивните прегледи кои се одредуваат во зависност од опасноста на која е изложен работникот.

Пример за такви опасности се инфекции кај медицинскиот персонал, опасност од токсични супстанци и отрови, изложеност на високи и ниски температури и на УВ-зрачење, радијационо зрачење итн.

Освен превентивни прегледи се вршат и прегледи на работоспособност на пример кај пожарникарите, полицајци, пилоти, управувачи на вилушкари, кранови итн.

Понекогаш настануваат повреди или постои сомневање дека настанала некоја болест како резултат на експозицијата на работното место или е нејасно дали трудницата смее понатаму да работи, за кое лекарот по трудова медицина има клучна улога во проследување на овие случаи.

Многу често бараат нашинците помош по групи на социјалните мрежи и секојпат се нудиме да им помогнеме кога сме во можност.

Исто така вршиме очни и лекарски прегледи за преведување и продолжување на возачки за Б, Ц, Е и Д Категорија. Често пати доаѓаат кај нас наши од многу далеку во Германија кои не го знаат јазикот и имаат прилика овие прегледи да ги направат на мајчин македонски јазик.

Споменавте дека сте овластен за организирање на специјализација на доктори по трудова медицина. Дали во вашата компанија може да аплицираат и македонски доктори и доколку да, на кој начин?

На основ на работното искуство, како и бројот на прегледи и апаративни можности, се кандидирав и добив овластување од лекарската комора за вршење на едукација на специјализанти за целиот обсег на трудова медицина.

Тоа значи дека нашата ординација е официјално признаена институција каде секој лекар кој ги исполнува условите може да добие специјализација по трудова медицина. Доколку некој лекар од Македонија сака да работи кај нас може слободно да нè исконтактира, битно е да има барем 2 годишно искуство во општа или интерна медицина.

Патот за признавање на странски дипломи во Германија е тежок, но е остварлив. Оние кои сакаат, може да нè контактираат на нашиот Email ТУКА, или на нашата веб страна: www.ndc-arbeitsmedizin.de

Колку често доаѓате во Македонија и дали ви недостига вашиот роден крај (кој е тој?), роднините и пријателите?

-Ние сме луѓе кои никогаш не се збогувале со татковината. Животот во Германија е реалност и тече како и секаде на друго место, бргу и со обврски. Но Македонија ни е во срцето и така ќе остане, секаде каде можеме се претставуваме како горди Македонци и ја претставуваме нашата мајка Македонија.

Ова лето бевме на одмор и имавме турнеја од 3 недели низ многу градови во Македонија и си поминавме прекрасно.

Инаку сме членови на Управата на македонската црковна општина МПЦО Св. Петка во Дизелдорф, каде редоно одржува Света Литургија Отец Трајче Грозданов и се промовира нашата Христијанска вера и македонска традиција преку различни собири и дружења.

Стремежот е да се купи наша Македонска Црква, како што има во Маинц и Дортмунд.

Сите нашинци ги охрабрувам да доаѓаат и станат парохијалци и да го поддржат овој национален и христијански стремеж.

Што би им препорачале на нашите читатели?

-Информирајте се за вашите работнички и граѓански права, немојте да стравувате за вашето работно место, бидејќи секогаш има доволно работа за секој што е вреден и чесен.

Во меѓувреме, посакувам да се сакаме и поддржуваме како македонски народ и колку можеме и да си помагаме.

Разговорот го водеше: Петар П.