– За тие пари толку….. За мене една од најгрешните изјави, особено во здравството. Ова писание е за мојот профил, иако верувам дека се однесува на сите видови, типови здравствени работници.
А веројатно и за секој вработен, каде и да работи. Точно, платите се далеку од посакуваните, барем за нормално поминување на месецот, далеку од луксузирање.
Земам плата, веднаш спонзорирам банка преку кредитна, виза, мастер, дебитна, рата од кредит до два.
Остатокот………можеби со следната и ќе го има, здравје или што би рекол наш народ викај ура иако од никогаш не ми било јасно што ако викнеш ура, полсено ли ќе ти е?
Нејсе, да се навратиме на темата. Тие се платите, такви какви се. Сакаме повисоки, треба да се повисоки факт. Но „висината„ е речиси насекаде иста, во секоја приофесија, во секоја пора од општеството.
А да, заборавив, освен кај функционерите, власта, кај нив не е плата. Тоа се две, три, четири плати во едно, бољи се од кесичкине нескафе.
Ние обичните смртници преживуваме и уште ни викаат дека тешко им е. Уф…пак да се навратам на темата. Според мене, без разлика колкава и да е платата, извршувањето на работните задачи треба да е совесно и одговорно.
Пациентот кој дошол со мака не смее да страда (во било која форма) затоа што јас сум незадоволен од платата, не смее да не добие услуга која му следува и за која со години одвојува од платата.
Не смее да биде запоставен или третиран според она горе „за тие пари толку“. Што ако механичарот смета дека за тие пари не мора сите штрафови да ги стави или даскалот рече па и не мора овие три лекции?
Совесното работење никогаш не е поврзано со висината на платата. Дали ако земаш малку треба да си понесовесен, ако земаш средно солидно совесен, ако земаш за наши услови ок тогаш си совесен?
А ако земаш бајаги убава пара каков ќе си, ептен совесен? Совесен не е збор кој има градација, нема тука малку, средно, по или нај. Или си или не си. А треба да си.

Има една работа која се учи, ај да речам се стекнува или се вградува во умот на секое медицинско лице. Или поточно се надградува затоа што првенствено треба да ја имаш од мал.
Кога аплицираш терапија, кога земаш брис, кога земаш крв за анализа или што и да правиш поврзано со работата т.е. со пациентот секогаш треба да ги имаш пред себе значењето, целта на тоа што го правиш.
Едноставно, да ја имаш во себе одговорноста од правилно извршената задача бидејќи токму од тоа земање брис/крв зависат следните чекори кои знаат да се и животоспасувачки или недај боже животозагрозувачки.
Но и не мора да е вакво нешто, одговорноста е и во правилно и навремено водење евиденција, запазување на редослед на манипулации, знаење при ракување со апарати и многу други делови од работното време.
Значи многу е просто и едноставно. Работи совесно и одговорно. Парите не се доволни никогаш, се сложувам, но борбата за покачување на платата, бодот е на друго место, не преку пациентот.
Да не се разбереме погрешно, пак ќе кажам. Факт е дека платите се далеку од доволни, цените се до плафон отидени а богами и го пробиваат, животот е се потежок и потежок, чарето некако не се гледа.
За жал, животов ни поминува во секојдневни борби со многустрани противници, таков ни е к`сметот. Но во работата треба да сме 100% посветени, 200% совесни, 300% одговорни и 400% максимално професионални.
А да….и 1000% насмеани. Затоа што пациентите тоа го сакаат и чекаат од нас.“.
Ова е статус кој го напиша здравственикот работник Денис Јанкуловски од центарот за Јавно здравје, во хавноста познат како голем хуманитарец под прекарот Денис Космонаутко.