Naslovna Makedonija Се огласи Тодоров по информациите дека тој му ја потпишал лиценцата на...

Се огласи Тодоров по информациите дека тој му ја потпишал лиценцата на „Тик-Ток“ докторот

Специјализацијата на лекарот-анестезиолог Ваљтон Дервиши, кој на Тик Ток објави видео од пациенти и медицински персонал, во 2015 година му ја потпишал тогашниот министер Никола Тодоров, откако петочлена комисија од професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 одбила да му ја нострифицира, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.

Во објавата стои дека Комисијата два пати заседавала и побарала дополнителни документи и објаснувања од колегите на Приштинскиот факултет, каде лекарот дипломирал, па откако не добила, не донела одлука за нострификација, по што се повлекла, меѓу другото и поради политички притисоци.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, пак, рече дека тој добил непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот, но за тоа не била покрената никаква постапка.

Лага е дека сум ја потпишал специјализацијата на анестезиологот Валтон Дервиши, без да биде претходно нострофицирана од лекарската комисија, вели поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во изјава за „Слободен печат“, откако медиуми објавија дека Дервиши два пати бил одбиен од лекарската комисија.

Тодоров вели дека ставил про-форма потпис на признавањето на специјализацијата на доктор Дервиши, откако комисијата од четворица доктори и еден правник дала позитивно мислење дека образованието на Дервиши од Косово е компатибилно со тоа во нашата држава.

Во документите од целата постапка е евидентно дека во записникот за признавање на странската специјализација, потпишани се тројца од петмина доктори.

Двајца доктори не се потпишани, едниот поради тоа што бил во странство, а другиот од причини непознати за редакцијата.

Лекарот дипломирал на Приштинскиот универзитет во 2007 година, потоа почнал специјализација на Медицинскиот факултет во Скопје, но ја прекинал и ја продолжил специјализацијата во Приштина.

Тој беше уапсен и му е одредена мерка притвор откако на социјалната мрежа тик-ток се појави снимка со пациентки во тетовската гинекологија, што тој ја направил како дел од некаков предизвик.