И ден- денес се пеат песните на Јонче Христовски, истакнат македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, исклучително популарен естраден уметник, кој славата на македонскиот мелос ја пронесувал низ целиот свет.
Легендата на македонската народна музика Јонче Христовски е роден во Битола, во 1931 година, а за жал се упокои во Скопје, на 15 април во 2000 година.
Создал сопствен интерпретативен стил, препознатлив и комуникативен со публиката.
Најзапаметени меѓу народот ќе останат неговите сценски настапи со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот мераклиски начин на живот отсликан во неговите изведби на песните.
Неговите песни изобилуваат со изворен македонски народен звук и ритмика и силен македонски патриотски дух на љубов кон Македонија, но и кон животот, песната, љубовта.
Се прославил со својата песна „Македонско девојче“ од 1964 година, чии препеани верзии се појавиле на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик“, стои на Википедија.
Впечатливи му биле и изведбите на песните: „Животе мој“, „Ај засвирете ми чалгии“, „Запеј песна Македонко“ и многу други во извонредно богатиот репертоар.
Како најзапаметени и највпечатливи негови песни кои сè до денес се своевидни химни меѓу македонскиот народ, со огромна популарност се песните „Едно име имаме“, „Ако умрам ил загинам“, „Ој, Вардаре македонски“, „И ние сме деца на Македонија“’, „Мој роден крај“, „Куќа имам на Пелистер“ и многу други.
Член бил на ансамблот „Танец“ како пејач и играорец, каде како кореограф изработил и создал кореографии за неколку ора, меѓу кои и Калајџиското Оро.
Како одговорен за народната музика во ТВ Скопје, ја иницирал серијата „Распеани градови“ (1974), еден од најзначајните проекти на тогашната ТВ Скопје.
Во 2002 година во Скопје е основан ансамбл за народни песни и игри кој го носи неговото име, a македонско културно уметничко друштво со неговото име постои и во Германија.
Јонче беше легенда, иако животот му го одбележа една тажна приказна. Имено, откако починала неговата сопруга, и тој како самохран татко останал да се грижи за своите две ќерки.
На сопругата и ја посвети песната ,,Животе мој”, во која пее за нивната силна љубов, но и за неср-еќата што останал без неа.
За ќерките Невена и Олгица, негови колеги раскажуваат дека биле центарот на неговиот живот, на кои им била и татко и мајка.
Ги водел со себе на настани, се грижел ништо да не им недостига во животот. Според последните информации, Невена останала да живее во Скопје, додека пак Олгица се преселила во Канада“, пишува Фокус.
Сега, Фокус ја пронајде ќерката на Јонче, Невена, една од двете близначки, која го раскажа целиот нејзин живот и живото на сестра ѝ, како и на покојниот таткп.
Невена и Олга со него, која му била последната желба пред да почине, какви спомени им оставил на најблиските, за ,,Фокус” раскажува Невенка.
Таа живее во Скопје и е пензионерка, мајка на два сина, баба… Работниот век го минала во МВР, а додека зборува за нивниот татко, не може да ги скрие солзите.
Жалам што мојата сестра близначка Олга не е повеќе меѓу нас, и таа ќе беше горда на сите овие настани на кои се спомнува неговото дело.
Со Олга сме родени во Скопје, во далечната 1959 година. Нашата мајка не ја запознавме никогаш, таа починала на породување.
Многу често во медиумите, со години наназад се спомнуваше дека таа починала во скопскиот земјотрес, не знам од каде излезе таа информација.
Но бидејќи ние не се експониравме јавно, затоа и не се знаат многу детали за нашиот и животот на нашиот татко.
Сестра ми го добила името на мајка ми, Олга, а пак јас сум крстена по баба ми по мајка, Невенка. Токму нашата баба Невенка не изгледа и ни беше како мајка. Ни го посвети животот, а ние ја викавме Мама…
-Кога сестра ми си замина во Канада, татко ми остана со мене, со моето семејство. Самотијата е тешка работа, иако беше опкружен со нас, блиските, сепак често му спомнував дека треба да си најде сродна душа, да се ожени.
Пријателството е една работа, подруго е кога ќе имаш некој постојано покрај тебе, да го делиш секојдневието. Никогаш не ме послуша. До последниот здив ја сакаше мајка ми и жалеше по неа.
Мајка ми ја викаше Гулабица. Гулабицата моја, Оле, така кажуваше за неа. Кога се разболе од рак тоа го поднесе на нога, храбро. Не сакаше да се жали, одеше напред со крената глава, не дозволуваше болеста да го скрши.
Пред да почине, осумнаесет дена пред смртта, тој гостуваше на телевизија. Потоа, кога веќе му стана многу лошо, на смртна постела ја довикуваше мајка ми“, раскажала за Фокус ќерката на Јонче.