Црна Гора од вечерва има нов претседател. Се вика Јаков Милатовиќ и доаѓа од движењето ПЕС.
Кандидатот на Движењето Европа сега (ПЕС) Јаков Милатовиќ победи на претседателските избори во Црна Гора и со тоа стана дел од историјата.
Тој е човекот кој за прв пат по 30 години го победи Мило Ѓукановиќ во директна пресметка и со тоа веројатно го испрати во политичка пензија. Во оваа изборна кампања тој помина низ се, од вербални до физички напади, но и покрај се зборува од победничкиот подиум. Еве го човекот за кој сега зборува цела Европа.
Јаков Милатовиќ е црногорски економист кој беше министер за економија и економски развој во црногорскиот кабинет на Здравко Кривокапиќ од 4 декември 2020 година до 28 април 2022 година.
Роден е во Титоград, каде што завршил основно и средно училиште Гимназија „Слободан Шкеровиќ“.
Основните студии од областа на економијата ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора. Поминал една академска година на Државниот универзитет во Илиноис како американски научник, еден семестар на Универзитетот за економија и бизнис во Виена (VU Wien) како стипендист на австриската влада, една академска година на Универзитетот Сапиенца во Рим (La Sapienza) како ЕУ научник.
Милатовиќ е магистер по економија на Универзитетот Оксфорд. Тој беше стипендист на британската влада. Бил и член на германската фондација Конрад Аденауер. Течно зборува англиски, италијански и шпански.
Милатовиќ работеше во НЛБ Групацијата Подгорица и Дојче банк, Франкфурт.
Подоцна се приклучи на Европската банка за обнова и развој во тимот за економски и политички анализи, а во 2019 година беше унапреден во главен економист за земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија, работејќи во канцеларијата на Банката во Букурешт. Објавил голем број написи и е коавтор на две книги.
Во текот на кампањата, новиот претседател на Црна Гора истакна дека негова цел е економскиот напредок на земјата, но и дека сака да биде човекот кој ќе ја внесе во Европската унија (ЕУ).
Кога станува збор за односите со соседните земји, Милатовиќ еднаш изјави дека би сакал првата официјална посета како претседател на Црна Гора да биде во Брисел, а втората во Белград.
За време на кампањата доживеа бројни напади, вербални и физички, а неговиот противкандидат Мило Ѓукановиќ го обвини дека е „човек од средниот век“ и „кандидат на Воислав Шешељ“ кој шири великосрпска пропаганда.
Извор: Слободен печат