Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денес на социјалните мрежи објави за реконструкција на улица во Радишани:
„Денес започнавме со реконструкцијата на улицата „Радишанска“ која е дел од проектот „Скопје без заборавени населби“ од програмата „За Модерно Скопје“.
Реконструкцијата на оваа важна сообраќајница под надлежност на Град Скопје е исполнување на уште едно децениско барање на граѓаните.
Со исполнување на ветувањето за реконструкција на една од најважните сообраќајници под надлежност на Град Скопје во општината Бутел, улицата „Радишанска“ се обновува во должина од 1.100 метри, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот.
Го реконструираме коловозот на улицата на површина од 7.363 м2, рабниците и тротоарите, а граѓаните од овој дел на градот, ќе добијат соодветно партерно уредување и реконструкција на последната автобуска постојка на линијата број 57.“
На ова соопштение на градоначалничката Данела Арсовска, реагираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски:
„Данела Арсовска се налутила зошто сум ја објавил реконструкција на улица Радишанска која јас лично сум и ја дал како приоритет, па напишала соопштение со отсуство на срам.
Кога Арсовска говори за срам, треба да знае дека отсуство на срам е кога пред изборите ја носевме на маалски средби, заедно ветувавме проекти, работевме за да седне во фотелјата каде удобно седи, а потоа ќе заборави на сите ветувања кои им ги даде на луѓето кои ја направија градоначалник.
А потоа кога ќе ја потсетиме за тоа, ќе бидеме прогласени за виновни.
Отсуство на срам е и кога ќе заборави дека како мало дете во градинка ја носевме низ Радишани за да добие гласови за кои сега од градот добиваат затворена врата, а најголемо отсуство на срам е кога ќе заборави дека ние бевме таа структурата која таа ја молеше за вториот круг од изборите да одработат за повеќе гласови и за убедлива победа.
Отсуство на срам е однесувањето кога сето ова ќе биде заборавено, но затоа јас сум тука да ја потсетам за секој проект важен за Бутел, и се допаѓало тоа на Арсовска или не.
Впрочем мило што Арсовска ја цитира програмата за модерно Скопје, за која сум убеден дека ја прочита конечно откако стана градоначалничка. Сега остана барем нешто да реализира.
Да и повторам на Арсовска, горд сум на секој проект реализиран од Градот кој јас лично ти го истакнав како приоритет, бидејки ти не знаеше каде се наоѓа општина Бутел, а камо ли да ги знаеш маките на граѓаните.
А да, за тоа кој колку е успешен единствено ќе видиме на локалните избори за три години.“