Naslovna Vesti Ковачевски со нова порака до пекарите: Од лебот кој чини 33 денари,...

Ковачевски со нова порака до пекарите: Од лебот кој чини 33 денари, мора да доставуваат минимум 80 проценти

По лебната криза која ја зафати земјата деновиве, пекарите од утре ќе почнат да испорачуваат леб во маркетите, но ќе ја тужат државата, истакна Горан Малишиќ од Групацијата на пекарско-мелничарската индустрија.

-Пекарите се согласија со претходната одлука, од утре да се започне со производство и испорака на одредени видови на леб зависно од можностите на секоја пекара за да може да се излезе пред сѐ во пресрет на потрошувачите, но и да се опстане во периодот на погрешни одлуки кои ги донесува владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија, рече Малишиќ.

Индустријата ќе почне правна постапка со цел, како што рече Малишиќ, да си ја наплати штетата.

-Штетата до 31 мај до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цените на лебот, на белиот и полубелиот леб изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита на индустријата ќе продолжи на правна основа, рече Малишиќ, а пренесе Прес 24.

Вели дека владините одлуки се на штета на пекарската индустрија и поради наметнатите загуби да го намали бројот на вработени.

Денес, на својот профил на социјалните мрежи се огласи премиерот Димитар Ковачевски, со укажување до пекарите, а во насока на заштита на граѓаните:

„Денеска, бев лично да се уверам во фактичката состојба со производството и испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите.

Го разбирам револтот на граѓаните за потегот од страна на трговците и производителите на лебот, како реакција на одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелот леб на 33 денари, што се одрази негативно на секојдневните потреби на граѓаните.

Со новата владина за одлука за снабдување на лебот со замрзната цена, го штитиме стандардот на граѓаните.

Ги обврзуваме трговците на мало кои продаваат леб во дневната набавка на сите видови леб да имаат најмалку 80% од лебот по цена од 33 денари.

Пекарите имаат обврска да го произведуваат и да го ставаат во промет белиот и полубелиот леб, во количина од најмалку 80% од производството.

Граѓаните мора да ги имаат основните производи!“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на својот профил на социјалните мрежи.

Дали пекарите ќе ја почитуваат најновата насока, ќе видиме во следните денови.