Naslovna Zivot Сашо Тасевски: Од глума ништо, а лебот скап, мора да се јаде

Сашо Тасевски: Од глума ништо, а лебот скап, мора да се јаде

Од почетокот на оваа недела, јавноста во земјава е преокупирана со цената на лебот и неговата достапност во продавниците.

Владата во желба да ги заштити граѓаните, одлучи да ја замрзне цената на лебот на 33 денари, а производителите и трговците, особено оние поголемите, најавија дека нема да испорачуваат леб, бидејќи таа цена не им одговара.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, вчера порача дека одлуката за замрзнатата цена од 33 денари за белиот и полубелиот леб мора да се почитува.

Тој вечерва им порача на пекарниците и маркетите дека ќе продолжат инспекциските контроли. Трајковски е дециден дека е недозволиво лебот да биде недостапен за граѓаните.

„Затоа апелирам да се почитува Одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот, а граѓаните нека бидат без грижа затоа што лебот кој е опфатен со Одлуката ќе им биде достапен.

И вечерва инспекторите се на терен и вршат контроли по основа на Одлуката и понатаму ќе продолжат. Никој нема да биде поштеден од законот и ќе се санкционира без селективност!

Економската криза треба да ни биде показател за солидарност, а не за злоупотреба и профитерство.

Пример за тоа се производителите кои денес не се придружија во стопирањето на достава на лебот опфатен со Одлуката и непречено ги снабдуваа граѓаните“, порача директорот Трајковски.

Многумина од производителите и денеска ја реализираа заканата дека нема да произведуваат и да носат леб на пазарот по укинувањето на субвенцијата за струја и по замрзнувањето на цената на лебот од страна на Владата.

На социјалните мрежи, врие од коментари, загриженост, но и шеги на сметка на лебот, односно, луѓето се потсетуваат на некои минати времиња, кога лебот се месел.

Во контекст на се ова што се случува, актерот Сашо Тасевски најави дека менува професија, бидејќи на народот не му било дојдено до претстави, театар и филм:

„Од глума ништо, а лебот скап, мора да се јаде. Е па од денес станав чирак во doggrooming baki на Млечен.

Занаетот добро ми оди, учам напорно, моментално сум во сектор за подготовка за шишање на кучињата, кај што ги галам и разговарам со нив за домашните проблеми.

Ги смирувам пред шишање, го намалувам нивниот стрес од презагрижените нивни сопственици, кучкари. Вашите миленичиња се сега во добри раце Фрлете и некоја коска до прва плата. За мене.“

Дали Сашо Тасевски се шегува, или навистина отворил приватен бизнис, останува да разјасни во иднина.

Тасевски објави и фотографија од своето, како што вели, ново работно место.