Naslovna Vesti Пекар од Тетово: За цигари не им е многу да даваат 100...

Пекар од Тетово: За цигари не им е многу да даваат 100 и кусур денари, а за леб е многу помалку од 50

Состојбата со лебот денес, ги зовре социјалните мрежи. Граѓаните ја поздравуваат мерката на Владата, стопанствениците негодуваат.

Тоа што нема бел и полубел леб на полиците во маркетите значи дека сите ја почитуваме одлуката донесена во понеделникот на состанокот во Стопанската комора, изјавија за МИА претставници од пекарската индустрија. Според нив, засега промена на ваквата одлука нема.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат е на терен и врши интензивни контроли – дали се почитува владината одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, донесена вчера.

-Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема.

Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката, истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Државниот пазарен инспекторат, како што информираат од таму за МИА, со сите капацитети е на терен и врши контроли на почитувањето на владината одлука.

Од ДПИ најавуваат дека јавно ќе ги соопштат податоците од теренските инспекции кон крајот на денов.

Владата вчера донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши соопштија дека одлуката ќе важи заклучно со 31 мај годинава.

Причина за замрзнување на цената е непочитувањето на договорот да се намалат цените на основните прехранбени производи согласно субвенционираната струја што ја добиваа компаниите.

Јавус Дурак, сопственик на една тетовска пекара која произведува леб без адитиви кој се пече на дрва, видно револтиран од одлуката за замрзнување на цената на лебот.

За него е нејасно како е можно да се замрзне цената на основниот производ, кога продуктите потребни за производство на лебот се двојно поскапи, а струјата и дрвата до плафон.

„Ако е 33 денари лебот, тогаш треба да биде и брашното поевтино. 16 денари беше брашното кога го продававме лебот 30 денари, а сега е 30 денари тип 500, а тип 400 е 32 денари, сега сум сигурен дека цената на брашното и натаму ќе се качува.

Државата каде е?, нека дојде министерот нека замеси сам леб и нека продава. Ние сме како играчка, донеси го брашното 16 денари, нема проблем ќе го продавам лебот за 30 денари, брашното скапо, струјата скапа, еве јас со дрва работам, дрвата беа претходно 40 евра кубик, сега се 90 евра, значи двојно поскапи, се е поскапо, а лебот пак ниска цена, не бива така.

Малборо цигари купуваат 130 денари, никој не се буни, за кафе 50 денари даваат, а лебот килограм под 50 денари и пак им скап“, вели Дурак за Слободен печат.

Кризата највеќе удри по пекарите, а со тоа и врз обичниот граѓанин, додава тој.