– Не сме свесни колку понекогаш ги повредуваме другите, блиските“; порача во едно видео интервју за Слободна ТВ нашиот познат актер Игор Џамбазов.
– Кога тоа ќе го сфатиме тогаш најчесто е веќе доцна. Во животот некогаш ми се случува сите работи да ги правам наеднаш и тоа не секогаш излегува на добро.
Сега кога веќе сум созреан како личност и кога се помалку премрежија имам во себе и зад себе, со сопствените обврски справувам многу полесно.
Тоа што сакам да го постигнам искажувајќи ја јавно љубовта спрема Илина, не е само да покажам колку ја сакам неа, туку и да им покажам на младите дека не треба да се срамат да изјавуваат љубов.
Младиве генерации се плашат да кажуваат убави работи, а притоа четири пати ќе опцујат или ќе „истрачарат“ некого.
За жал, нивните емоции како да се емотикони, оние што ги има во телефоните – раскажа Џамбазов минатата година додека беше во врска со алпинистката Илина Арсова за која рече дека е прекината поради далечината откако Илина е во Америка.
Додека неговиот татко маестро Александар Џамбазов кој се упокои минатата година беше жив, Игор зборуваше дека тој е многу горд на него.
– Маестро Џамбазов се уште доаѓа на сите мои премиери, важни концерти, промоции. Се уште ги снима сите мои појавувања на телевизија, без разлика дали станува збор за некој спот, интервју или најобична реклама.
Најмногу се радувам што ќе биде присутен и на промоцијата на „Улица диши длабоко“, затоа што книгата му е посветена токму нему, на мојот татко кој ме убеди да пишувам стихови“, кажал тој во Женски магазин пред неколку години.
Има ли улога за која сте морале баш својски да се помачите и „превртите наопаку“ за да ја одиграте?- го прашале во една прилика во Фактор, а тој кажал:
– Без двоумење, тоа е улогата на безименото дете во монодрамата „Детски работи“ од Ремон Кус, во режија на Коле Ангеловски.
Станува збор за шестгодишно детенце кое ја раскажува приказната на својот живот.
Во таа негова 70- минутна временска машина, јас одиграв точно 22 улоги кои тој ги спомнува во своите приказни. И со букви – двесетидве! Тоа беше предизвик на кариерата.
Коле точно знаеше што треба да направиме, бидејќи ме познаваше како никој друг.
Тоа е улога после која конечно и колегите и театарските критичари почнаа да ме сметаат за актер на кого може да сметаат.
Во 1994 година за неа ја добив наградата „Ристо Шишков“, рекол Џамбазов и додал:
– Од мајка ми научив како се сака. Ако сакаш, сакаш без поговор. Таа ме научи како да ги сакам најблиските, како да ја сакам својата професија, како да го сакам секој ден од животот.
Ова последново не ми успеваше баш секогаш. И само тука ја разочарав. Од татко ми научив дека креативното лудило е дозволено. Од него научив и дека најважна е чесноста. И се трудев да бидам чесен.
Мислам дека успеав, затоа што во животот бев нечесен само кон себе. А од дедо Петре научив дека ако не мислиш дека си центар на светот, не можеш да бидеш актер, хехехехе…
Од него научив дека „боемштината“ не значи да си пијан од утро до мрак. Дека тоа е начин на живот. Боемштината се љубовта, другарството, музиката и поезијата во едно“, изјавил Игор.
Игор Џамбазов гордо покажа едно свое семејно наследство, а тоа е една фотографија кој тој ја сочувал, поточно фотографија од насловна страница на стар магазин.
– Сите театарџии од династијата Прличкови-Џамбазови на насловната на “Нада” , некаде во 80-ите… Дедо Петре – актериште. Баба Нада – суфлериште.
Мама Анче – мајкиште. И синчето…“, напишал Игор до оваа слика која е многу вреден спомен за него и воопшто за сите оние кои го почитуваат ова познато уметничко семејство.