Писателот Борче Трајковски, алијас Боки Бургија, многу често на својот профил на социјалните мрежи, знае да погоди во центар, со поентите во своите постови.
Денес е актуелно чевствувањето на вечното почивалиште на великанот Гоце Делчев, кој доколку може да види што сè се случува периодов, не би му било сеедно.
Токму околу ова, пишва во денешниот свој статус, Борче Трајковски:
„Ако стане, нема да знае да се врати, гарант…
Што ќе ми е Гоце, ако фрижидерот дома ми е празен? Што ќе ми се Даме, Питу, Александар и Тито, ако немам со што да ја платам струјата? Што ќе ми се 18.000 просечна плата ако дома ме чекаат 4 гладни усти?
Гладни за се’. И за храна и за облека и за школо, и за шетање. Што фајде ако комшијата станал богат, кога на местото на живата ограда која ја прескокнуевме со еден скок, изѕида ѕид повисок од кинескиот?
Што фајде од моќникот во политиката од мое маало, другарот со кој од исто шише пиевме оранжади па и пиво, добри и лоши периоди, кога за да влезе тој дома, ил да излезе од таму, мене ми ја блокираат уличката у маало, кога не можам да му тропнам дома ко некад затоа што џандарот на влез ме прашуе дали сум најавен?
Еј, ме прашуе дали сте најавени господине, дали имате закажано, дајте лична карта? Џандаров поим нема дека до некни влегуев у дворов ко кај мене дома, ко тој кај мене, и со свирка го будев ако беше заспал, со истата свирка излетуеше низ врата ко куршум ако беше спастрен, а кога силно ќе тропнев на врата, излегуева мајка му ил татко му за да ми понудат кафе док овој не се среди.
Сеа, овој ме прашуе дали имам закажано, дали сум најавен, ми бара лична карта..?
Што ќе ми се вакви моќници, кога не можам да им пријдам? Да бе, и за лошо и за арно, и за мука и без мука. И не е тоа грешка, дефект кај џандаров.
Тој си ја извршуе работата онака ко што му рекле, ко што налагаат законите и уставот, за на крајот на месецот, јадникот кркне 8 илјадарки поише од најновата минимална плата, и да се кручи у маалски кафани, ко никад пред ова да не видел живот.
И што друго да ти кажам, Боки? Што ќе ми се мали и големи Македонци од типот, “маливе“ полагаат цвеќе на гробот на Гоце, док “големиве“ ги исвиркуат и викаат “Уааа“ од далеку?
А пази, и едниве и другиве се за Гоцета до гроП, ама, овие другиве се као поише од првине. И на крај, Боки, кое фајде бе ако Бугарите влезат у Уставот, а Енглезите излезат, кога и мојава и устите на моите и даље ќе бидат празни?
Што ќе ми е држава пуна со лажни патриоти миљонери, љангури позиционери, јадници опозиционери, слободни ајдуци, раја која се задоволуе со сендвичи и две чашки ракија на митнизи и собири на кои ќе извикуат Уааа за едниве, и Урааа за другиве, а сите клекнуат и пред првите и пред другите за да добијат трошки од сопствената софра.
Свртени се сите работи наопачки, мој, Боки. Ако стане нема да знае да се врати. Боље што не може да стане Гоце. Така да пишеш, и поздрави ги од Ване касапот од Чаир… Тенкју Ване..“