Има многу хитови кои секогаш оставаат трага во македонската музика, а еден од нив е секако „Свирете ја зајди зајди“ која ја испеа Олгица Христовска – Кошутиќ пред многу години.
Олгица, како што е познато ја испеа оваа песна на фестиваклот „Макфест“ која ја има компонирано Драган Вучиќ, кој за жал го напушти овој свет во мај во 2020 година.
Христовска ја однесе победата на ,,Макфест” во 1992 година, а за која музиката ја напиша легендарниот музичар и ТВ водител Драган Вучиќ, а откако Вучиќ се упокои, повторно одекна во етерот, објави Фокус тогаш.
Олгица Христовска – Кошутиќ е дамата која со својот убав глас и специфичен начин на интерпретација остана запаметена кај народот, и иако сега не е активна во музиката, луѓето на социјалните мрежи ја бараат да се врати.
– Тоа што се случи со песната на ,,Макфест” во 1992 година, но и настаните кои следеа потоа, ми се како во сон.
Успехот многу ми значеше, прво место на реномираниот фестивал, по три месеци прогласување на песната за поп хит на годината, гостувања на интернационални фестивали, награди, признанија…
Иако потекнувам од музичка фамилија, јас секогаш на прво место ја ставав глумата, и немав амбиции за музика. Но, со оваа песна нештата ми се сменија.
Сепак, кога го завршив факултетот јас се посветив на театарот и глумата, бидејќи тоа беше моја голема желба и љубов.
Но, исто така, веќе подолго време стои и спремен албум кој можеби го чека правиот момент да излезе во етер. За жал, на него нема ниту една песна од Драган – раскажала Христовска за Фокус во 2020 година.
– Снимањето на видеото во спомен на Драган, кое се случи во вторникот, ми е втор вака тежок момент.
Првиот беше пред повеќе години, кога веднаш по заминување на мој колега морав да играм во претстава, и ова сега, кога по веста за заминувањето на Драган, заедно со моите пријатели музичари, решив да пеам пред камера.
Неговото заминување на сите ни падна многу тешко… Едноставно, не беше спремен да си оди, многу рано замина, многу бргу се случи се. Јас уште не можам да поверувам дека тоа е реалноста.
Поради пандемијата не бев на по гребот, па затоа на ваков начин го испраќаме, бидејќи музичарите треба да заминат со музика – раскажува Олгица, која е инаку и успешна актерка.
Таа исто така додала дека ја нема на социјалните мрежи и дека од театарот сосема се повлекла во 20027 година. Како што е познато, Олгица е мажена за Дејан Кошутиќ.
Во 2006 година, пред Олгица да се омажи за Дејан кој е поранешен заменик-министер и поранешен директор на Скопскиот саем, весникот Вечер го објави овој текст со оваа содржина:
-Актерката и пејачка Олгица Христовска на 15 септември, ќе се мажи за своето момче, заменик-министерот за транспорт и врски Дејан Кошутиќ, и со тоа ќе ја официјализираат својата љубовна врска.
Барем така скришно се шушка меѓу нивните пријатели. Нема потреба за неверување, зашто тие двајца се неразделни речиси две години.
Свадбената церемонија, наводно, е закажана во “Александар Палас”. На поимот “куме”, ќесето ќе го одврзува вицепремиерот Минчо Јорданов.
За музиката нема да има проблем, освен музичкото семејство на Олгица ќе има многу уметници и музичари, а таа ако ништо друго на Дејан можеби би му го запеала оној свој макфестовски рефрен:
“Ќе ти симнувам ѕвезди, ќе ти дадам се… Сега си мој, сега си мој, ќе те купам вечерва, сега си мој а за тебе ми треба само една насмевка…” И така натаму, и така натаму….“, стоеше во текстот на Вечер пред 16 години.
Во интервјуто за Фокус, оваа позната битолчанка всушност раскажала што работи сега, кога е повлечена од јавниот живот.
-Кога пред десет години ја добив ќерката, решив комплетно да се посветам на мајчинството. Ги оставив глумата и музиката за некое друго време. Имам фирма која се занимава со креативна дејност, која не е поврзана со сцената“, рекла Олгица.
А нејзиниот маж, Дејан Кошутиќ на својот Фејсбук профил има покажано колку ја сака својата сопруга, со тоа што постираше една нејзина песна, која се вика „Светлина од рај“, и снимена е во 2010 година.
Кошутиќ на Фејсбук главно постира спортски успеси од неговите омилени спортисти и екипи, а од своето семејство има многу малку слики. Една од ретките слики кои тој ги објавил од Олгица, е од Охрид, на едно новно летување.
Таа е сликана со Маја Саздановска, со која се инаку роднини. Композиторот Славе Димитров, е роден во Битола. Неговиот талент се пренесува и кај синот Дарко, композитор и продуцент на повеќе од илјада песни за македонски и странски изведувачи.
Славе е тетин на Маја Саздановска, еден од најдобрите македонски вокали, талент што го наследи и од својата тетка Виолета Томовска, која, исто така, е тетка и на Олгица Христовска. Тие се во роднинска врска и со пејачката и диџејка Фани Христова.