Стевчо Јакимовски, првиот човек на Општина Карпош и градоначалникот на Општина Л-Исла (Малта), Клајв Пулис, вчера претпладне во хотелот Александар Палас, одржаа заедничка прес-конференција по повод официјализирање на договорот за збратимување помеѓу овие две локални самоуправи.
Инаку, станува збор за прв документ од овој вид кој го потпишува оваа малтешка општина со македонска локална самоуправа, и истиот ќе се потпира врз традиционално пријателство меѓу своите граѓани, имајќи ја предвид заедничката цел за зајакнување на нивната размена и соработка во области од заемен интерес.
Во таа насока, градоначалниците Јакимовски и Пулис го потпишаа меморандумот за збратимување, кој во основа е инициран од потребата за меѓународна соработка и учество во ЕУ проекти.
Тоа подразбира преземање на низа заеднички активности при аплицирање во проекти од областа на локалниот развој, енергетската ефикасност, квалитетот на локалните и социјалните услуги, инфраструктурата, младинските политики, како и проекти од полето на спортот и образованието.
– Особено сум горд што по иницијативата на Општина Л-Исла ја реализиравме оваа средба и секако овој договор за збратимување и меѓусебна соработка, кој произлезе од потребата за подобрување на животните услови на граѓаните од двете локални заедници.
Посебно ме радува фактот што заедно ќе настапиме пред развојните европски фондови, каде што треба да бидеме инвентивни при подготовка на нашите проекти.
Во текот на овие неколку денови воспоставивме прекрасно пријателство со нашите малтешки пријатели, каде што се уверивме дека нашите две култури се речиси идентични.
Наредниот месец, делегација од Општина Карпош треба да учествува на официјалната презентација на ЕУ фондовите во Малта, што уште еднаш укажува за сериозноста на оваа соработка – потенцираше Јакимовски, а пренесе Општина Карпош, на својата официјална страна.
По овој настан, градоначалникот Јакимовски, тргнал накај своето родно село Подржи Коњ, кое се наоѓа во близина на Крива Паланка, а синоќа објави, што му се случило по пат.
„Многу чудна, интересна и несекојдневна случка ми се случи денес попладне. Сакам да ја споделам со моите пријатели тука на фејсбук.
Патував до село Подржи Коњ и застанав до банкомат да извадам пари во Крива Паланка.
Кога завршив работа на банкоматот, ми пријде едно момче Кристијан со својата сопруга да ме поздрави.
Замислете, само четири саати по потпишувањето на меморандумот за збратимувањето со Општина Л-Исла,
Кристијан ми пријде да ми каже дека тој живее таму во истата општина и дека се венчал со својата сопруга која родум е точно од Л-Исла во Малта.
Голема чест ми направија што ме поканија да ги посетам кога ќе одам во посета на Л-Исла во Малта.
Животот е полн со случајности – некогаш малечки, некогаш големи, а некогаш извонредни кои го тераат човек да остане изненаден од нив“, напиша Стевчо Јакимовски, на својот профил на социјалните мрежи.