Naslovna Zivot Трифун Костовски: Со другарите правевме вака – „кој прв до девојката, девојката...

Трифун Костовски: Со другарите правевме вака – „кој прв до девојката, девојката му припаѓа нему“ – до последното компирче

Статус на Трифун Костовски: СЕЌАВАЊЕ НА ПИВНИЦА

„Кон крајот на 60-те години од минатиот век после катастрофалниот земјотрес 1963 година, во разрушено Скопје никнаа монтажни населби, донации од сите земји во светот кој, убеден сум, токму со земјотресот во Скопје ја покажаа вистинската солидарност.

Разрушениот хотел „Македонија“ беше возобновен со монтажна градба во самиот центар на Скопје.

Местата во самиот центар како книжарницата Култура, дуќанот Кооператива каде денес се наоѓа култната кафетерија Тренд, или модниот центар Грација, беа местата каде ние средношколците матуранти ги минувавме вечерните часови на така-нареченото скопско корзо.

Во топлите денови корзото беше многу живо и вообичаено имавме наши собиралишта токму пред трите гореспоменати култни места.

Токму во тие денови во Скопје се отвори Пивница, веднаш до Кооператива, ресторан-кафеана каде несомнено се точеше пиво и се служеше нафора и помфрит.

Јас, заедно со моите другари од гимназија честопати кога ќе соберевме повеќе пари во џебот, седнувавме мераклиски, особено во зимските денови во оваа прекрасна кафеана и секако согласно нашите можности ќе нарачавме по едно пиво со нафора, а помфритот послужен со кечап ни беше како десерт.

Сакам да појаснам дека сите мои другари потекнуваме од семејства кои едвај врзуваа крај со крај во текот на месецот, така што нашиот личен џепарлак беше многу симболичен.

Во една таква прилика јас со моите другари Валериј, Томе, Таки, Даре, Цане и Буцо седнати во Пивница нарачавме по една кригла пиво и две порции нафора.

Да појаснам нафора е сечен леб во коцки потпечен и „зачинет“ со рендано овчо сирење.

Седнати така сите ги пребројувавме парите во сопствените џебови. Заеднички заклучивме дека имаме доволно пари да нарачаме уште две порции помфрит.

Да појаснам дека помфритот во тие времиња беше чудесно убав и вкусен и ни стана како нешто најубаво кое можевме да го консумираме надвор од нашите домови, бидејќи објективно немавме услови во нашите семејства мајките да ни спремаат толку вкусен помфрит за кој требаше многу зејтин.

Другарството на маса беше прекрасно. Меѓусебе се куражевме да посегнеме по толку посакуваниот помфрит.

Никој од нас не претеруваше и секој пат последното парче умеевме да го поделиме меѓу нас.

Во една таква прилика во доцните зимски часови, седнати во Пивница со пиво во рака и десертот помфрит размислувавме што да направиме со последните три компирчиња што останаа во чинијата.

Бевме седуммина и не можевме да ги поделиме подеднакво меѓу нас на половина.

За да биде рамноправна братска делба, го повикавме келнерот и го замоливме да го изгасне светлото и по принципот „кој прв до девојката, девојката му припаѓа нему“.

Борбата за последното компирче беше во темница. Мноштво прсти, малку компир, ама задоволство големо.

Келнерот домаќин, кога виде колку многу сме заљубени во помфритот ни пријде на маса носејќи полна чинија со вкусните компирчиња велејќи: „Деца ова е од мене“.

Ова се сеќавања на едно прекрасно детство и другарување коешто несомнено ги зацврсти нашите односи како вечни пријатели кои и ден денес сè уште трае.

Длабоко во сеќавање ми е Пивница, трите компирчиња во чинијата и чинот на келнерот кој нè честеше полна порција помфрит.

Во следната колумна ќе се потрудам да ги споделам со вас моите спомени од слаткарницата Пошта, каде тулумбите, шампитите и салепот беа највкусните нешта кои ги доживувавме како благодет.“