Naslovna Vesti Тимчо Муцунски: Советниците на Левица гласаа ЗА донацијата од Цементарница Усје

Тимчо Муцунски: Советниците на Левица гласаа ЗА донацијата од Цементарница Усје

Изминатите неколку дена, а по пријавата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, за Цементара Усје, според која оваа фабрика е еден од главните загадувачи на Скопје, се разви широка дебата во јавноста.

Поззнато е дека партијата ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска се во нарушени меѓусебни односи, па дел од медиумите кои се наклонети кон опозицијата, ги пренесуваа изјавите на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ дека ова е само пи-ар маркетинг на градоначалничката.

Некои медиуми, пренесоа дека токму скопските јавни претпријатија, кои се под капата на Град Скопје и Арсовска, набавиле мазут и се загадувачи на главниот град.

Други партии пак, меѓу кои и Левица, коментираа дека скопската цементарница, била донатор на општините каде градоначалници се кадри од ВМРО-ДПМНЕ, па затоа оваа партија нема збор кажано против компанијата.

Еден од најспоменуваните, беше градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, кој денес реагираше на ваквите гласини.

Градоначалникот Тимчо Муцунски преку видео објавено на неговата фејсбук, разјасни некои дилеми:

„Лажната вест е дека јас како градоначалник сум бил корумпиран од страна на компанијата „Титан Усје“заради примена донација за основното училиште „Блаже Конески“.

Вистината е дека донацијата од компанијата „Титан Усје“е примена од страна на Советот на општина Аеродром. Токму советниците од политичката партија „Левица“ едногласно дале поддршка за прифаќање на оваа донација и токму советниците од политичката партија „Левица“ која сега ја критикуваат одлуката гласале за истата“, истакна Муцунски во своето видео.

Тој потенцираше дека советниците од политичката партија „Левица“ во изминатиот период примиле хонорар од повеќе од 30 илјади евра, а не понудиле ниту едно решение во интерес на граѓаните на Аеродром при што ја повика оваа политичка партија преку градот Скопје, каде тие се во политичка коалиција да почне да нуди решенија за загадувањето во градот Скопје.

Муцунски во видеото додаде дека институциите од централната власт имаат одговорност за надзор на потенцијалните загадувачи при што го повика Министерството за животна средина, да изрече казни доколку се утврди дека некоја компанија ја загадува животната средина.

„Време е да престанеме да бидеме политичари само преку социјалните медиуми, каде тие критикуваат и не работат во интерес за граѓаните.

Ние понатаму ќе продолжиме да работиме за граѓаните, да нудиме решенија и да реализираме капитални проекти. Ги повикувам и останатите политички субјекти да научат оваа лекција за добро политички работење од нас“, заклучи Муцунски.