Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, кој со своите детални анализи даде огромен придонес во пандемиската криза, во последно време, во неколку наврати пишува за македонскиот образовен систем.
Трајковски го крена гласот против врскаџиите, митаџиите и сите оние кои на „мала врата“, без знаење, сакаат да се стекнат со академска титула, а како резултат на сето тоа, македонските универзитети тонат на Шангајската листа.
Во својот денешен пост, проф. Трајковски раскажа како во развиените земји ги вреднуваат студентите кои завршиле државен универзитет.
„Еден професор пред 15-ина години ми раскажа дека во Полска во државна институција немало шанси да се вработи лице со диплома од приватен факултет.
Едноставно, државата повеќе им верува на своите универзитети, отколку на приватните. Освен тоа, на тој начин ја подобруваат конкуренцијата помеѓу запишаните студенти,
бидејќи тие коишто сакаат да се вработат за добра и сигурна плата во државна институција – мораат да се потрудат најпрво да се запишат, а потоа да се борат и да завршат со напорно учење на државен универзитет.
Со диплома од приватен факултет можат да бараат работа во приватниот сектор, ако некој таму воопшто им го признае тоа знаење. Во државно не може, тоа ти е!
Приказните за рамноправноста помеѓу приватните со државните факултети и за евентуална дискриминација таму не поминуваат, бидејќи тој што вработува има право и да избира.
Кај нас, пак, ситуацијата е сосема обратна. Државата дозволува, па дури и охрабрува вработувања во државни институција или во јавен сектор со дипломи од сомнителни приватни факултети, под превезот на рамноправноста.
Всушност, оставена е мала врата за внесување, односно протнување на „свои“ луѓе. Работата не е дека државните факултети даваат многу поголемо знаење од приватните (знаеме што се случува на безбројните државни дисперзирани студии по малите места), но во принцип на таков начин државата оди самата против себе, што е неприфатливо.
Во најмала рака, прави антиреклама на своите универзитети. Ова колку и да изгледа сомнително и необично, на сите ни е јасно дека каква било диплома од каков било факултет претставува само обична форма, а не содржина.
Содржината, т.е. суштината е дека кандидатите се претходно веќе одбрани во разни партиски штабови, комитети, ограноци или како уште се нарекуваат овие учкур-тајфи. Дипломата служи само како влезница и покритие на организираната измама.
За жал, кај нас од оваа појава повеќе нема спас, бидејќи сите партии многу долго ја практикуваат.
Самите кандидати, вработени на ваков мизерен начин, претставуваат најсилен бедем што не дозволува таквиот дефектен систем да се урне и да се изгради нов, праведен и функционален систем.
Всушност, создаден е антисистем на негативна селекција којшто го уништува здравото образовно и институционално ткиво, поради што државата и општеството веќе се наоѓаат во терминална фаза на распадот.“