Од оваа година повратот на данокот на додадена вредност од фискалните сметки наместо 1.800 денари ќе се зголеми на 2.100 денари. Предлог-законското решение е во собраниска процедура и ставено е како шеста точка на денешната 99. пленарна седница. Законот се носи по скратена постапка.
Правото на враќање на ДДВ се остварува за секое календарско тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.
На предлог на Министерството за финансии, Владата на 27 декември 2022 година го утврди текстот на Предлог-законот со кој се зголемува максималниот износ на поврат на ДДВ што може да го добие едно физичко лице со скенирање на фискални сметки за едно тримесечје.
Сега овој износ по лице и по квартал е до 1.800 денари.Кој сè има право на враќање на данок?
Право на враќање на данокот имаат физичките лица што ги исполнуваат следните услови:
– имаат навршени 15 години возраст;
– поседуваат валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на Република Северна Македонија (лична карта или патна исправа);
– се регистрирани корисници на системот за електронска пресметка за приход и данок е-ПДД) на Управата за јавни приходи; и
– поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет во Република Северна Македонија.
Што доколку некој не е регистриран на е-ПДД?
Доколку граѓаните не се регистрирани на е-ПДД, тие може да се регистрираат електронски во кој било момент на веб-страницата: e-pdd.ujp.gov.mk, а потоа регистрацијата да ја потврдат во која било организациска единица на УЈП.
Кој сè може да ја симне апликацијата МојДДВ?
Апликацијата можат да ја симнат сите граѓани што користат паметен телефон, но можат да ја користат само граѓаните што се регистрирани на е-ПДД.
Кои фискални сметки може да се скенираат?
Се скенираат сите фискални сметки каде што е искажан данокот на додадена вредност за купени добра или користени услуги, каде што највисокиот износ на поединечна сметка не надминува 30 000 денари.